Македонски

ИЗВЕСТУВАЊЕ: Избирачкиот список кој е ставен на оваа веб страна е доставен од страна на Државниот завод за статистика на 25.01.2016 година.
 
Истиот е резултат на  законско редовно ажурирање на податоците добиени од страна на Министерство за внатрешни работи и содржи податоци за граѓаните со состојба заклучно со 01.12.2015 година
 

Избирачки список

СООПШТЕНИЕ
за медиуми
 
Избирачкиот список кој е објавен на апликацијата на веб страната на ДИК е резултат на методолошки обработените податоци добиени од службените евиденции на МВР, Управата за водење на матични книги и Основните судови, за државјаните на Република Македонија кои ги исполнуваат законските услови да се стекнат со избирачко право заклучно со 01.12.2015 година. Истакнуваме дека адресните податоци на граѓаните во Избирачкиот список се запишани како што се водат во евиденцијата за живеалиште на МВР.
Државната изборна комисија го објави избирачкиот список на својата веб страна со податоци: име, презиме и адреса на избирачите, согласно член 31 став 2 точка 28-г од Изборниот законик. Напоменуваме, дека секој граѓанин има право да поднесе барање до Државната изборна комисија  да не биде објавена неговата адреса од безбедносни причини. Барањата граѓаните може да ги поднесат до Државната изборна комисија на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. или до подрачните одделенија/канцеларии на Државната изборна комисија и по истите се постапува веднаш.
 
Граѓаните, доколку при увидот утврдат дека некој граѓанин не е запишан во Избирачкиот список или утврдат дека треба да се изврши запишување, дополнување или бришење на податоци од Избирачкиот список, имаат право согласно член 48 став 2 од Изборниот законик да поднесат барање со кое треба да приложат соодветна документација. Државната изборна комисија во рок од 3 дена од приемот на барањето ќе ја провери точноста на податоците и приложените документи  и ако утврди дека барањето е основано ќе донесе решение за запишување, дополнување или бришење на податоци во смисла на член 48 став 4 од Изборниот законик.
 
Државната изборна комисија врши запишување, дополнување и бришење на податоци во Избирачкиот список и по службена должност врз основа на податоци од матичните книги, евиденцијата за живеалиште и за државјанството на Република Македонија, други службени евиденции и со непосредно проверување согласно член 42 став 1 од Изборниот законик. Во таа насока им овозможуваме на сите граѓани до подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија и преку апликацијата објавена на веб страната на Државната изборна комисија да пријават сомнителни податоци во Избирачкиот список, кои по службена должност ќе бидат проверени во службените евиденции на надлежните институции. Врз основа на спроведените постапки и донесените акти од страна на надлежните институции, Државната изборна комисија во најкраток можен рок ќе изврши запишување, дополнување или бришење на податоци од Избирачкиот список во согласност со усвоениот Правилник за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список.
 
Граѓанската контрола на Избирачкиот список е составен дел од проверката на Избирачкиот список, а податоците од граѓаните се од суштинско значење за ажурирање на Избирачкиот список. Граѓаните имаат право да ги пријавуваат сомнителните случаи и да поднесуваат барања за запишување, дополнување и бришење на податоци од Избирачкиот список, со приложување на соодветна документација.
СООПШТЕНИЕ 
за активностите на Државната изборна комисија
22. 02. 2016
 
Државната изборна комисија ги има донесено сите потребни акти за постапката за проверка и ажурирање, како и целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список. 
 
Четворицата консултанти за информатичка технологија предложени од четирите најголеми политички партии и еден меѓународен консултант, ангажиран од ИФЕС, кој ја координира работата, го извршија вчитувањето на податоците во една единствена база и нивно стандардизирање и оптимизирање во потребен формат. Во моментов се врши проверка на податоците во секоја од базите, по што податоците ќе бидат префрлени во единствен сервер на Државната изборна комисија, на кој ќе се вршат вкрстените проверки.
 
Во меѓувреме, тимот на консултанти подготвува предлог-листа на прашања за тестовите за вкрстените проверки, кои веднаш ќе бидат усвоени од Државната изборна комисија. Тимот на консултанти ќе подготви и пред Државната изборна комисија ќе презентира и финален извештај, по чие усвојување од страна на ДИК ќе отпочнат со работа трите ИТ компании кои ќе ја извршат вкрстената проверка на базите на податоци.
 
Државната изборна комисија врши кадровско доекипирање. Целосно е спроведен огласот за вработување на лица во одделенијата за избирачки список и за информатичка технологија. Со оглед на тоа дека не се пријавија доволен број кандидати, огласот за пополнување на работни места во секторот за ИТ ќе биде делумно повторен. Во тек е и постапката за вработување на 11 лица во правната служба на Државната изборна комисија и нејзините подрачни одделенија.
 
По барање на Државната изборна комисија од 8 февруари, Министерството за финансии на 16 февруари изврши пренасочување на буџетски средства на сметката на ДИК, за да можат целосно да бидат спроведени сите активности поврзани со изборниот процес.

СООПШТЕНИЕ
за медиумите



 

Државната изборна комисија денес оствари средба со амбасадорот на САД во Република Македонија Џеф Бејли и шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија Аиво Орав.

Амбасадорите Бејли и Орав ја нагласија поддршката кон работата на Државната изборна комисија во нејзините заложби за организирање и спроведување на фер и демократски избори.

Во текот на двочасовната средба двајцата амбасадори се интересираа за повеќе прашања кои се од доменот на надлежностите на ДИК. Меѓу нив, клучно место заземаа кадровската екипираност, финансирањето на активностите на ДИК, оперативните планови за спроведувањето на активности пред и по распишување на изборите,  напредокот во процесот на имплементација на двата Правилника за методологии за водење и ажурирање, како и вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список.

Државната изборна комисија истакна дека, што се однесува до овој процес, сите 10 бази на податоци добиени од соодветните институции се веќе вчитани во серверот на ДИК. Во моментов, во тек е процесот на стандардизирање, нормализирање и валидизација на податоците од базите. Овој процес го вршат консултанти за ИТ, ангажирани од ДИК, а предложени од четирите најголеми политички партии. Нивната работа ја координира меѓународен експерт за ИТ ангажиран од ИФЕС.
По комплетирањето на споменатиот процес, ќе следува изготвувањето и усвојувањето на тестови за вршење на вкрстените проверки, по што ќе отпочнат и вкрстените проверки.

Државната изборна комисија истакна дека, од нејзиното формирање па до денес, посветено и одговорно работи на остварување на своите надлежности. Сите битни одлуки и акти во досегашното работење ДИК ги донесе со консензус, а на ист начин работи и одлучува и тимот на консултанти за ИТ. Во фокусот на ДИК секогаш е избирачкото право како уставно загарантирано човеково право и во ДИК постои согласност дека целиот процес мора да се заврши квалитетно, со цел зајакнување на довербата во изборите кај сите актери во процесот.

Сите останати информации поврзани со работата на ДИК кои се појавуваат во јавноста се во доменот на шпекулации.


Страница 1 од 25

^