Македонски

Деловник

 Деловник на Државна изборна комисија

 

 

Врз основа на член 31 став 2 точка 35 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија„ број 40/2006), Државната изборна комисија на седницата одржана на 4 јули 2006 година, донесе

 

ПРИВРЕМЕН ДЕЛОВНИК

НА ДРЖАВНАТА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој привремен деловник се уредуваат организацијата и функционирањето на Државната изборна комисија (во натамошниот текст: Комисија).

Член 2

Седниците на Kомисијата се јавни.

Kомисијата може да одлучи да работи без присуство на јавноста, под услови утврдени со Изборниот законик и со овој привремен деловник.

Член 3

Во работата на Комисијата службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Член 4

Комисијата за сите прашања одлучува со јавно гласање.

Член 5

Претседателот на Комисијата ја претставува Комисијата.

Член 6

Комисијата има печат и штембил.

Печатот има облик на круг со пречник од 2 см и 8 мм. Во првиот круг стои „Република Македонија - Скопје„ во вториот круг стои „Државна изборна комисија„, а во средината на печатот е грбот на Република Македонија.

Печатот на Комисијата се става на одлуките, заклучоците, решенијата, уверенијата и другите акти што ги донесува Комисијата.

Штембилот има правоаголен облик со должина од 6 сантиметри, а ширина 2 сантиметри. Над горниот дел од штембилот стои „Република Македонија – Државна изборна комисија – Скопје„. Во првиот дел стои „Примено„, во вториот дел има четири графи: организациона единица, број, прилог и час.

Штембилот се става на материјалите што се доставуваат до Комисијата и се заведуваат во Деловодна книга

 


 

II. КОНСТИТУИРАЊЕ НА КОМИСИЈАТА

1. Конститутивна седница на Комисијата

Член 7

Конститутивната седница на Комисијата ја свикува претседателот на Комисијата.

Конститутивната седница се одржува најдоцна 10 дена од денот на изборот на претседателот, заменикот на претседателот и членовите на Комисијата, но не подоцна од денот на истекот на мандатот на членовите од претходниот состав.

Конститутивната седница може да се одржи ако се избрани и на седницата присуствуваат мнозинството од вкупниот број членови на Комисијата.

Член 8

Мандатот на претседателот, заменикот на претседателот и членовите на Комисијата е пет години и тој започнува да тече од денот на нивниот избор во Собранието на Република Македонија.

Функцијата на претседателот, заменикот и членовите на Државната изборна комисија може да престане пред истекот на мандатот само во случаи пропишани со Изборниот законик.

Со конституирањето на Комисијата, членот се стекнува со права и должности утврдени со закон и со овој привремен деловник.

Член 9

На членот му се издава легитимација.

Поблиски прописи за содржината, обликот и начинот на издавање на легитимациите на членовите, како и за евиденцијата на издадените легитимации донесува претседателот на Комисијата.

За издавање на легитимациите и за евиденцијата на издадените легитимации, се грижи генералниот секретар на Комисијата.

 


 

 

III. ПРАВА И ДОЛЖНОСТИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА КОМИСИЈАТА

1.Присуство на седница и учество во работата на Комисијата

Член 10

Членот има право и должност да присуствува на седниците на Комисијата и да учествува во работата и во одлучувањето.

Член 11

Членот кој е спречен да присуствува на седницата на Комисијата, должен е за тоа навреме да го извести претседателот на Комисијата.

Член 12

Претседателот на Комисијата го повикува и го информира членот кој три пати едноподруго не присуствувал на седниците, а не го известил претседателот на Комисијата за своето отсуство.

За секое натамошно неоправдано отсуство, претседателот на Комисијата го опоменува членот на Комисијата.

На членот кој отсуствува најмалку три пати од седницата на Комисијата, а за тоа не го известил претседателот на Комисијата, му се одбива 5% од платата за секој ден отсуство, за што акт донесува Комисијата.

Член 13

За присуство на членовите на седниците се води евидентен лист, а потоа се предава на претседателот на Комисијата.

За редовноста на членовите, претседателот на Комисијата ја известува Комисијата, на секои шест месеци.

За водењето на евидентниот лист се грижи генералниот секретар на Комисијата.

 

2. Право на информирање на членовите и обезбедување услови за вршење на функцијата член

Член 14

На членовите им се доставуваат сите службени публикации што ги издава Комисијата и информативните и документациони материјали што се доставуваат до Комисијата, заради нивно целосно информирање.

Членот има право да бара и да добие известување од претседателот на Комисијата или од заменикот на претседателот за прашања што се однесуваат на работата на Комисијата.

Членот има право да бара и да добие известување и стручна помош од генералниот секретар на Комисијата и од Службата на Комисијата, за прашања што се на дневен ред на седница на Комисијата.

 

3. Чување на тајна

Член 15

Членот на Комисијата е должен да ја чува државната, службената, воената и деловната тајна (тајна).

Како тајна се сметаат податоците што членот ќе ги дознае на седницата на Комисијата, во врска со прашањето за кое се расправа без присуство на јавноста.

Начинот на ракување и чување на материјалите што се сметаат за тајна се уредува со посебен акт, што го донесува претседателот на Комисијата.

 


 

 

IV. ПРЕТСЕДАТЕЛ, ЗАМЕНИК НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ, ЧЛЕНОВИТЕ И ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА КОМИСИЈАТА

1.Претседател на Комисијата

Член 16

Претседателот на Комисијата:

-    ги свикува седниците на Комисијата и претседава со нив;

-   се грижи за примената на Деловникот и дава појаснување во врска со неговата примена;

-   од името на Комисијата остварува меѓународна соработка со парламентарните, дипломатско-конзуларните и други претставници на странски држави, на меѓународни организации, како и со други видни странски личности;

-    донесува правилник за внатрешниот ред на комисијата;

-    врши други работи утврдени со закон и со овој привремен деловник и

-   изрекува мерка отстранување на член или друг учесник од седница на Комисијата.

 

2.Заменик на претседателот на Комисијата

Член 17

Заменикот на претседателот на Комисијата му помага на претседателот на Комисијата во работата и врши други работи од неговиот делокруг.

Во случај на спреченост или отсуство на претседателот на Комисијата го заменува заменикот на претседателот.

Член 18

Претседателот на Комисијата со заменикот на претседателот и членовите на Комисијата:

-  ја програмира работата на Комисијата;

- се грижи за остварување на правата на членовите и за обезбедување услови за нивната работа;

- одлучува за прием на делегации од државни изборни комисии на други држави и на претставници на други органи и организации од странство и за испраќање делегации во странство и во врска со тоа ги координира активностите на Комисијата;

- ги координира и планира активностите на Комисијата во остварување на меѓународната соработка;

- се грижи за обезбедување финансиски средства за работа на Комисијата;

- одлучува за одржување состаноци и друг вид консултативни средби од значење за работата на Комисијата;

- разгледува прашања од значење за унапредување на работата на Комисијата и

- ја следи работата на Службата на Комисијата, се грижи за унапредување на нејзината работа и за создавање услови за нејзино современо и ефикасно работење.

Претседателот на Комисијата со заменикот на претседателот и членовите на Комисијата работи врз основа на усогласување на ставовите.

 

3. Генерален секретар на Комисијата

Член 19

Комисијата има генерален секретар што го именува Комисијата од редот на дипломирани правници за време од пет години.

Генералниот секретар го организира, координира, обединува и насочува извршувањето на работите и задачите во Стручната служба на Комисијата и се грижи за нивно законско, ефикасно, навремено и квалитетно извршување.

Во извршувањето на своите работни обврски, генералниот секретар донесува одлуки, решенија, упатства и други акти сврзани со работењето на Стручната служба на Комисијата и постапува согласно добиените овластувања од претседателот на Комисијата, од заменикот на претседателот и од членовите на Комисијата.

Член 20

Генералниот секретар му помага на претседателот на Комисијата во подготовките и организирањето на седниците на Комисијата и врши други работи утврдени со овој деловник или работи што ќе му ги доверат претседателот на Комисијата и од Комисијата.

Генералниот секретар ја организира и усогласува работата на Службата на Комисијата и издава упатства за работа на Службата.

Член 21

Генералниот секретар има заменик, именуван од Комисијата, за време од пет години, кој го заменува во негово отсуство.

Заменикот на генералниот секретар му помага во вршењето на работата на генералниот секретар и го заменува во случај на негова отсутност или спреченост.

Член 22

За својата работа и за работата на Службата на Комисијата, генералниот секретар на Комисијата и заменикот на генералниот секретар и` одговараат на Комисијата.

 


 

 

V. СЕДНИЦА НА КОМИСИЈАТА

1.Свикување на седница и предлагање на дневен ред

 

Член 23

Седница на Комисијата свикува претседателот на Комисијата.

Претседателот на Комисијата може да свика седница и по барање на заменикот на претседателот и на најмалку 4 членови.

Член 24

Претседателот ја свикува седницата на Комисијата со предлогот на дневниот ред и материјалите по прашањата што се предлагаат за дневниот ред за седницата, кои им се доставуваат на членовите најдоцна три дена пред денот определен за одржување на седницата.

Во итни случаи, претседателот на Комисијата може да свика седница и во пократок рок од три дена, а дневниот ред може да го предложи и на самата седница.

Седница на Комисијата се одржува во времето од 10,00 до 16,00 часот, ако Комисијата, за одделни седници поинаку не одлучи.

Во изборен процес, Комисијата е во постојано заседавање.

Член 25

Дневниот ред за седницата на Комисијата го предлага претседателот на Комисијата, а го утврдува Комисијата на почетокот на седницата.

Во предлогот на дневниот ред претседателот на Комисијата ги внесува сите прашања што до денот на свикувањето на седницата ги доставиле членовите на Комисијата.

Член 26

Член на Комисијата може пред, по свикувањето на седницата, како и за време на седницата, до утврдувањето на дневниот ред, да предложи во дневниот ред да се внесе определено прашање, само во случаи на итна и неодложна потреба.

Членот е должен да поднесе материјал во писмена форма и да ја образложи итноста.

 

2. Претседавање на седницата

Член 27

На седницата на Комисијата претседава претседателот на Комисијата.

Во случај на спреченост или отсутност на претседателот на Комисијата го заменува заменикот на претседателот на Комисијата.

 

3.Тек на седницата

Член 28

Седницата на Комисијата почнува со работа, во закажаниот термин со присутните членови на Комисијата.

Претседателот утврдува дали на седницата присуствува мнозинството членови потребно за полноважно одлучување на Комисијата.

Член 29

Пред утврдувањето на дневниот ред се усвојува записникот од претходната седница.

Членот може да стави забелешки на записникот и да бара во него да се извршат соодветни изменувања и дополнувања.

За забелешките на записникот се одлучува без претрес.

Претседателот на Комисијата констатира дека е усвоен записникот на кој не се ставени забелешки односно записникот во кој се извршени изменувања и дополнувања.

Усвоениот записник го потпишуваат претседателот на Комисијата и генералниот секретар на  Комисијата.

Член 30

Пред утврдувањето на дневниот ред, претседателот на Комисијата ги известува членовите за прашањата од итен карактер што се предлага да се стават на дневен ред, предлозите за одлагање на одделни прашања од дневниот ред, како и за барањата за дополнување на дневниот ред.

Член 31

Комисијата без претрес се изјаснува за секој предлог за изменување и дополнување на предложениот дневен ред и за предлогот на дневниот ред за седницата во целост.

Член 32

Претресот по прашањата од дневниот ред се врши според утврдениот редослед на дневниот ред.

Во текот на седницата, по предлог на претседателот на Комисијата или по предлог од член на Комисијата, Комисијата без претрес може да одлучи да се извршат измени во редоследот на претресот по одделни прашања, односно да се води единствен претрес за прашања што се меѓусебно поврзани.

Член 33

На почетокот на претресот по секое прашање од дневниот ред предлагачот може да даде дополнителни образложенија или појаснувања.

Претресот по одделно прашање трае додека има пријавено учесници.

Претседателот на Комисијата констатира дека претресот е завршен, кога ќе утврди дека повеќе нема пријавени учесници.

Член 34

Комисијата претресот по секое прашање од дневниот ред, може да го заврши со:

- донесување акт или

- донесување заклучок.

Член 35

Претседателот на Комисијата ја прекинува седницата на Комисијата доколку нема мнозинство членови потребно за одлучување.

Претседателот на Комисијата може да ја прекине седницата и заради нарушување на редот во салата во која се одржува седницата.

Седницата може да се прекине кога за тоа ќе одлучи Комисијата, по предлог на претседателот на Комисијата или четири членови, а заради дополнителни консултации и прибавување на мислења.

Времето за продолжување на прекинатата седница го определува претседателот на Комисијата, не подолго од три часа.

Член 36

По исцрпувањето на прашањата од дневниот ред, претседателот на Комисијата констатира дека седницата е завршена.

 

4. Говори

Член 37

На седницата на Комисијата никој не може да говори пред да побара и да добие збор од претседателот на Комисијата.

Членот за збор се пријавува лично по отворањето на претресот и може да се пријавува до завршувањето на претресот.

Член 38

Претседателот на Комисијата се грижи говорникот да не биде прекинуван или со друга постапка да не биде ограничуван во слободата на говорот.

Претседателот на Комисијата на членовите им дава збор според редоследот на пријавувањето.

Член 39

На членот кој сака да говори за повреда или неправилна примена на Деловникот, претседателот му дава збор, штом ќе побара. Говорот на овој член не може да трае подолго од три минути.

По говорот на членот претседателот на Комисијата дава појаснување.

 

5. Одлучување

Член 40

Комисијата може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинството од членовите.

Одлуките се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови.

Претседателот на Комисијата го соопштува бројот на членовите што гласале “за”, “против” или “воздржано”.

 

6. Гласање

Член 41

Гласањето се врши со кревање рака.

Член 42

Претседателот на Комисијата по завршувањето на гласањето ги соопштува резултатите од гласањето и врз основа на резултатот објавува дали предлогот за кој се гласало е усвоен или одбиен.

 

7. Записник и тонски снимки од седница

Член 43

За работата на седницата на Комисијата се води записник.

Записникот ги содржи основните податоци за работата на седницата, предлозите што се поднесени и заклучоците што се усвоени во врска со прашањата од дневниот ред.

Во записникот се внесуваат и резултатите од гласањето по прашањата од дневниот ред.

Член 44

Записникот, по правило, им се доставува на сите членови најдоцна три дена пред одржувањето на седницата на која треба да биде усвоен.

Член 45

За изготвувањето на записникот и за чувањето на оригиналите на записниците од седниците на Комисијата, се грижи генералниот секретар на Комисијат

Член 46

За работата на Комисијата задолжително се врши тонско снимање на седниците.

Снимените материјали се достапни за секој од членовите на Комисијата и секој од нив има право да побара копии од снимките.

Снимените материјали се обработуваат компјутерски за да се зачуваат и во писмена форма и се составен дел на записникот.

Снимените материјали за работата на седницата на Комисијата се чуваат во документацијата на Комисијата во електронски формат и во тврда копија.

Снимените материјали можат да ги користат и други органи и организации по претходно одобрување од претседателот на Комисијата.

 


 

 

VI. ПОТПИШУВАЊЕ И ОБЈАВУВАЊЕ НА АКТИТЕ И ОДЛУКИТЕ НА КОМИСИЈАТА

Член 47

Сите одлуки и акти што ги донесува Комисијата, ги потпишува претседателот на Комисијата.

Комисијата, со мнозинство гласови од вкупниот број членови, на седница одлучува за објавувањето на овие акти во “Службен весник на Република Македонија”.

 


 

 

VII. ДЕЛОВНИК НА КОМИСИЈАТА

Член 48

Предлог за донесување или изменување на Деловникот на Комисијата може да поднесе секој член на Комисијата.

 


 

 

VIII. МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА НА КОМИСИЈАТА

Член 49

Државната изборна комисија остварува меѓународна соработка во меѓународните организации чијшто член, односно придружен член е Комисијата.

Член 50

Планирањето на меѓународната соработка на Комисијата се остварува во рамките на календарските активности на организациите и институциите во кои членува или со кои соработува Комисијата, како и врз основа на изразените и усогласени интереси за билатерална соработка.

 


 

 

IX. ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА НА КОМИСИЈАТА

Член 51

Работата на Комисијата е јавна.

Право да присуствуваат на работата на Комисијата имаат овластените претставници на подносителите на листи и акредитираните набљудувачи.

Член 52

Претставниците на средствата за јавно информирање, во согласност со прописите за внатрешниот ред на Комисијата, можат да присуствуваат на седниците на Комисијата заради известување на јавноста за нивната работа.

Член 53

На претставниците на средствата за јавно информирање им се ставаат на располагање актите што ги разгледува и донесува Комисијата, информативните и документационите материјали за прашањата што се разгледуваат во Комисијата.

Член 54

Комисијата може да одлучи актот кој се претресува во Комисијата, а кој е од посебен интерес за јавноста, да се објави преку печатот или во посебна публикација.

Сите акти што ги донесува Комисијата се објавуваат на интернет страницата на Комисијата.

Член 55

Комисијата може да одлучи, заради известување на јавноста за работата на Комисијата, да се даде соопштение за средствата за јавно информирање.

Текстот на соопштението се утврдува на седницата на Комисијата.

Член 56

Конференција за печатот во врска со работата на Комисијата се одржува кога за тоа ќе одлучи претседателот на Комисијата, односно најмалку четири членови на Комисијата, кои определуваат и претставник кој ќе ја одржи конференцијата за печатот.

 


 

 

X. ДРУГИ ФОРМИ НА РАБОТА НА КОМИСИЈАТА

Член 57

Комисијата на предлог на Претседателот може да формира работни групи за извршување на одредени активности од значење за работата на Комисијата.

Работните групи по правило се составени од три или пет члена. Тие можат да изберат свој претседавач со консензус.

Работните групи ги презентираат резултатите од својата работа на работен состанок или на седница на Комисијата.

 


 

 

XI. СТРУЧНА СЛУЖБА НА КОМИСИЈАТА

Член 58

За вршење на стручно-административните и организационо-техничките работи на Комисијата се формира Стручна служба на Комисијата (во натамошниот текст: Служба).

Организацијата, задачите и работата на Службата се утврдува со акт за организација и систематизација на Службата.

Со Службата раководи генералниот секретар на Комисијата.

 


 

 

XII. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 59

Овој привремен Деловник влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува до донесувањето на Деловник на Комисијата.

 

 

^